јанија ж.

јанија (ж.)

На Чук Нам во Македонија во најголем казан му вареле јанија, во Србија ќебапи печеле, а од замаглената Британија со вагони бивтеци влечеле.
„Најголемиот континент“ од Славко Јаневски (1969)
Со џандари, со `ртки, со загари и со некои нашинци, лижнигазовци, оттаму, од Прилеп и од Битола, ќе клапнеа уште одвечер во населбата и ќе им заповедаа на редовниците да им приготват убави вечери - питулици, мазници, зелници, печени кокошки, пресни погачи, чомлеци и јании; откако ќе се накркаат, ќе се налокаат вино и ќе се акнеа да спијат во гостинските одаи, за таа цел, за нивното доаѓање, предвреме напрашени за од страна на болви, вошки и други инсекти.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Јанија, од говедско месо, лута, ако се готви одвечер, на ист начин се припрема.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Се надеваше дека извесно време во текот на ручекот ќе биде оставен сам но лошата среќа го натера имбецилниот Парсонс да се плесне покрај него, ширејќи мирис на пот и речиси исчезна слабиот мирис на јанијата дрдорејќи без прекин за подготовките околу Неделата на омразата.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Тоа што го јадеа беше некаква тенка јанија, поточно супа од зеленчук.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Бошко заедно со Калија одеше на чомлек пазар по урда, и на балук пазар по сушена риба, се туркаше и во врвулицата пред фурна каде што целото маало носеше разни јадења за печење, од лебови до тави гурабии и татлии, ама заедно со чиракот од дуќанот на Марко, им носеше јадење и на Марко, и на самарџијата Димо, бидејќи мајка ѝ на Калија, како и свекрва ѝ, беа дамна починати, а таа прекриена чинија со цедило везден му ја грабаше на чиракот, и самиот, напрегнат, ја носеше истурена напред, како да носи цел товар леб и сирење, грав или јанија со јунешко која не смее да се плисне или, чувај боже, да се истури.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Ќе направи лозарска јанија, рече, таква манџа отсекогаш сркале гроздоберачите - се прави таа со овчко месо и разен зарзават, а се залева со минатогодишното вино, со истото тоа вино со кое се попрскуваат и лозите и се благословува за поголем бериќет догодина.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
И понатаму ќе добива грчеви во стомакот од јанијата и од малку подзагореното гравче.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)
А добиваше грчеви во стомакот и од јанијата што ќе му ја донесе татко му.
„Светилничар“ од Ристо Лазаров (2013)