на (предл.) - животворен (прид.)

Деловите на полегнатите човечки стави како да биле поделени на студени и топли зони и додека стомачните мускули им трепетеле на тврдата земја, преку тилот и меѓу плешките им се разлевала морничава врелина, и некој, едниот или другиот Онисифор, мислел дека крвта бара пукнатина на кожата да шибне како црвен знак и да му се придружи на сонцето со брзина на светлоста ослободувајќи се еднаш засекогаш од кожурците на глупавата препаленост, на страдањата и искушенијата што некогаш биле склопец на животворен течен мерџан.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Сиот вилает, сиот Балкан, станувал сѐ повеќе прогонета волчица скучна од сомневања дури и кон својот род и пород, бил скаменето животно со душа благословувана само од пеколот - се раѓа на камен, живее на камен, ги лекува раните на камен да биде еднаш живот или вечна смрт; лежат кратовските кули на беговите врз прастар вулкански кратер и лежи на ист таков кратер Лесново со својот манастир, истината лава се купите и излеаноста над Мрежичко под Кожув, над Добро Поле под сенката на кајмакчаланските облаци и на Стара Чука кај Стојаково во Гевгелиско, во преспанските води се огледува со тага варовитата Галичица, Крушово е камен на камен; бегале пред исламски зулуми Мијаците од Дебар, оние од Река и Власите од подалеку и кревале своја крепост, се криеле во ниски врби на смирени варовници и по прнари Брсјаците, но и едните и другите, и исто толку и многу повеќе господарите, ги секле шумите, се градело, се горело, им се носел лисник на козите, потоа од планините се урнувале порои скрка и ги покривале неговите житници, на тој лом да се множат жолтогрлени гуштери и црни скакулци со тешки утроби - се шират степски и пустински површини, земјата уште само со прнар се закитува.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Откако се уверил дека луѓето и воловите не може да бидат видени од ниедна точка на патот, Онисифор Проказник нашол засолниште од кое сета околина му била пред очи како отворена дланка.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Но ранетата волчица можела да се пои од Климентовите води и да ја наслушнува со жили тешката бучава на недопрените шуми неподелени помеѓу ајдутите и рисовите; секирите на фукарата и бичкиите на имотниците не стасувале да ја ограисаат целата невиност на животворното зеленило над кое, секогаш, и небото е посино.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)