јатка ж.

јатка (ж.)

И вистина дијалектот велешко-прилепско-битолско-охридски е јатката на македонскиот јазик, зашто на запад од него е дебарскиот (рока), на југ – костурскиот (ронка), на исток – источниот или солунскиот (р’ка) и на север – скопскиот или северниот (рука).
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Или, можеби, ништо не криеше. Како орев од кој вешта верверица ја извадила на неразбирлив начин јатката оставајќи на тврдата кора фантастично мало дупченце.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Подоцна разбрав дека Пенчо успеваше во сѐ зашто не бараше ни пат ни начин во своите постапки, зашто до целта го водеше само јатката желба да го стори она што го сака.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Не, тоа не беше Пенчо. Тоа беше лушпа, убава, цврста и привлечна што во себе крие сува и начната јатка.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Земјата долу е проѕирна, чиниш некои нови и пресилни гама зраци ѝ ги откриваат тајните на утробата - корења и коски, под нив понорници, во длабичина усвитена јатка.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Му рече ли лош збор - полош ќе ти врати; црната: ниту сака да те сретне, ниту сака да разговара со тебе; пред очите му е темно; сѐ на светот му е виновно; мудри се, знаат многу, со очи, со поглед можат да дознаат сѐ: кој си, што си, колку тежиш и што сакаш да речеш; во разговор со нив секогаш чувствуваш: меѓу тебе и нив голема далечина; не се напрегаат сѐ да чујат и разберат; на проклетството и на болот му робуваат; лилавата (јоргованлијата); постојано си потпевнуваат во себе или гласно: и во одење, и во работа и во кревет; во устата, на ушето или во малото џепче од палтото носат цветче - за салтанет; на секоја веселба први запoчнуваат да пеат; што било вчера, што било денеска, што ќе биде утре - не ги интересира; кога смируваат скарани, не сакаат многу муабети; на скараните ќе им речат: ајде чукнете се со чашките, оти главата ќе ви ја чукнеме; те фалат, те гушкаат, но сето тоа го прават без мерка; последни од кафеаната се прибираат дома; сивата: многу пребираат, џимрии во јадење, во купување, во облекување; надвор ако врне - продолжуваат по цел ден да спијат; од добиток не држат ништо, или сосем малку; за сѐ, па дури и нешто на милост да речат - колнат; клетвите им се помошни зборови со кои полесно се изразуваат; повеќето се тенкоусти, палени на збор, на јазик; кога е студено - мајката на господа му ја караат, кога е жешко - исто така; на гости, по свадби, од иста чаша или сафа не пијат; дома на прагот од куќата те пречекуваат држејќи ја вратата недоотворена; очите секогаш им се готови да те погледат напоречки, да те мунѕосаат; портокаловата: лични луѓе, секој сака од нивната куќа невеста да земе; кога врват девојките и невестите низ селото - како сонце да врви, сè пука на нив од здравотија, од личнотија; коњ аздисан скротуваат, пукнуваат; таа убавина, таа здрава јатка во нив ги држи до триесеттата година; по неа - одеднаш како зрел плод се што не може многу да држи, свенува, се олошува, се распаѓа; од никого лош збор не се слуша; благи и кротки и во очите и во лицето и во зборот; старичките чисто-пречисто се носат, мирисаат на мискинсапун, на калофер, но не доживуваат длабока старост; прават куќи понастрана од другите, истакнати, видливи; добиците им врват низ посебен влез за во кералот, не низ дворот да им го балегат и гнасат; кога крштеваат дете, врват низ селото како кралска процесија, како крал да се крунисува; ако седиш со нив, имаат моќ да те маѓепсаат, да те стават под влијание, да те владеат.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
- Дувај ги, викал татко, издувај ги, велел, да нема ни раска на јатките. - Да не сакаш и да ти ги џвакам, мајката, му рекол еднаш Јоше Свирачот, ама татко не го заушил убаво, оти устата му била преполнета со ореви што ги крцкал со забите и од тоа не му се дослушувало.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Згора на тоа уште и ќе се лути и ќе му вика на Јошета побрзо да му крши од оревите и побрзо да му ги чисти јатките. 16
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
2. Точка збор, вулкан, булка - Во сонот и сонувањето, Во радоста и тагувањето, Јатка во матката, лулка Од небесно ветре лулеана, Песна уште незапеана, Дом и пристан, монистра Од ѓерданот, бемка на вратот.
„Сонети“ од Михаил Ренџов (1987)
Земјата долу е проѕирна, чиниш некои нови и пресилни гама зраци и ги откриваат тајните на утробата - корења и коски, под нив понорници, во длабочината усвитена јатка.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Но, кога ги отворија раниците речиси беа полни со јатки, а лушпите ги изнапикале под еден примитивно направен кревет.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Тие ми даваа од јатките божем мислеле и за мене, но јас им реков дека никако не сакам да земам.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Жабе и натаму џвакаше јатки од млади ореви, гласовито зборуваше дека во светот се вади жива вода на сто метри длабочина, понекогаш и жешка, рацете, вели, да си ги изгориш, а Паско Бачо, како човек кој не чувствува потреба да бара прецизна причина за да каже нешто кое не мора да е во вистинскиот контекст, па уште и со некое спокојство, се сврти кон мене: „И така, Симон“, вели, “во 1956 година, дури се копаше вака каналот за наводнување Камадаречко, беше среда, 21 септември, дванаесет и десет или дванаесет и петнаесет часот, не ме фаќај за зборот...“
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Јатката на моливот, сите мои копнежи и тајни ги пресоздаваше во зборови и таа нејзина дарба е дело на голем и свет оган, низ кој се топела и претопувала нејзината света твар, сѐ дури низ тој оган и самата не се пресоздала во мое сеќавање.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Кукурек, крезли и јатки се многу вкусни, ама далеку од највкусни.
„Тибам штркот“ од Зоран Спасов Sоф (2008)
Меѓу остатоците од црешите пресадени тука од зад девет мориња белиот папагал понекогаш ќе проголта и некое купче исушени зборови, без јатки.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Могила ќе издигнам над покојот од беснилото. Ќе ги откорнам корените закоренети од јатката на омраза.
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)